ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Италијанската инвестиција на Шапка условена со изградба на жичарница од Тетово

Италијанската инвестиција на Шапка условена со изградба на жичарница од Тетово

Секоја инвестиција на Попова Шапка што не вклучува изградба на жичарница од Тетово е бескорисна. Со ова се согласиле министерот за екологија Насер Нуредини и италијанската компанија „Техно Алпин“ која дојде во С Македонија со идеја да инвестира повеќе од 180 милиони евра на Шапка. Но, според информациите тие не сакаат да инвестираат ниту денар без претходно да се најде решение со властите за жичарницата која е надвор од функција од 2001 година. Нуредини за АЛСАТ изјави дека во моментов се водат разговори кој треба да ја финансира изградбата на жичарницата.

„Овде разговараме кој и како ќе финансира, дали ќе финансира инвеститорот или државата или ќе се дели. Без гондола, да бидеме реални, нема да има ни ски-центар. Не е идејата да се качуваме високо со коли или да градиме нови паркинзи. Мораме да ја заштитиме природата горе таму и да се изгради гондола“, рече Насер Нуредини, министер за екологија.

Првата фаза од инвестицијата се очекуваше да започне годинава, но се чини дека инвеститорот го условил потпишувањето на договорот.

„Ако почнува инвестиција на Попова Шапка, мора да почне и изградбата на гондолата. Инвеститорот уште од почеток многу јасно кажа дека за да се развие Попова Шапка како ски-центар ќе треба гондола, едното и другото да одат заедно. Дали инвеститорот ја услови изградбата на гондолата со потпишување на договорот? Видете, како што кажав претходно, тие не условуваа, туку изјавија дека без гондола, не е можно, ќе мора да има гондола. Зошто не го потпишат договорот ако нема договор за гондолата? Разговаравме дали ќе потпишат или не, но тоа го кажувам и самиот како човек кој доаѓа од финансискиот сектор, дека без гондолата, не работи ниту другото“, додаде минитерот.

Дополнително, за да се реализира оваа инвестиција, државата мора прво да подготви нов закон за стратешки инвестиции и паралелно да го подготви договорот со компанијата Техно Алпин. Тоа може да трае со месеци, но доколку нема договор за жичарницата, тогаш дури и со години.

Инаку, во инвестицискиот план оваа компанија се планираше приоритет да му се даде на системот за вештачки снег, изградба на 600 нови паркинг места, две нови скијачки патеки, изградба на два хотела, како и две нови жичарници со шест и осум седишта./Алсат.мк

Ардит Рамадани

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button