Изет Меџити со порака до Али Ахмети

Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, одговори на изјавите на партискиот лидер Али Ахмети дека „огнената група“ е на погрешен пат и оти требало да се врати на партиските патеки. Меџити од Куманово упати апел до Ахмети да не одржува средби против нив и да не дозволува да го лажат неговите функционери од Владата, туку да ги изнесе пред граѓаните и да ги праша колку тие луѓе досега сработиле.
„Ако граѓанинот ни каже – грешите, немаме замерки, граѓанинот ни кажува. Но, за жал, излеговме на митинзи, на средби со граѓани и тие не следеа. Ако зборуваме за незадоволство, за ревизија и елаборираме пред граѓанинот за неуспесите на оваа извршна власт на секое поле, добро е тие што ги држат собирите во Гостивар и сега во Тетово, Али Ахмети нека ја извади извршната власт и нека докаже дека си ја завршиле работата за Гостивар, дека работеле за Тетово, работеле за Липково, правеле други работи, а не да имаат собири за Огнената група и за нас“, рече Меџити.
И Невзат Бејта ѝ возврати на другата страна на ДУИ, нарекувајќи ги „рѓосани лимови што ќе ги оддува ветерот“.
„Ќе дува ветер и ќе го однесе лимот, потоа куќата ќе остане без покрив, ќе ја зафати дождот и ќе се урне. Ние не го сакаме тоа, сакаме ДУИ да биде сплотена, без рѓосаните луѓе од ДУИ кои прават раздори. Кои според вас се рѓосани? Кажавме – тие се извршната власт на чело со Артан Груби“, рече Бејта.
Битката на терен меѓу двете групи во ДУИ ќе продолжи и во следните неколку дена. Следната средба на Огнената група е најавена со форумот на жени, додека другата страна со граѓани од Тетовско.
Мефаил Исмаили