Измамите на граѓаните преку пораки не престануваат

Онлајн измамите продолжуваат да ги загрижуваат граѓаните. Еден од начините кои се користи за да измамат граѓаните е преку СМС пораки и мејлови прикачени со линк каде што по кликнување личните податоци завршуваат во рацете на злоупотребувачите. Некои граѓани добиле вакви пораки, а други велат дека се информирани за злоупотребите.
„Не сум добил такви пораки бидејќи не многу луѓе го имаат бројот, но мојата сопруга работи во здравство и има добиено такви пораки два пати, но и реков да не ги отвора затоа што се измами“, велат граѓаните.
Последните вакви обиди се мејлови во кои се тврди дека се испратени од Министерството за внатрешни работи, а со кои се бара од корисниците да одговорат во рок од 48 часа во врска со санкцијата, во спротивно може да завршат во затвор. Досега во МВР се пријавени четири вакви случаи.
„Секторот за кибер криминал до сега примил четири пријави во врска со електронските пораки за кои се тврди дека наводно се испратени во име на Министерството за внатрешни работи и ЕУРОПОЛ“, велат од МВР.
Според МВР, веќе се преземени мерки и активности за законско санкционирање на сторителите на овие дела. Министерството за внатрешни работи ги повикува граѓаните и правните лица да не отвораат линкови кои се испратени од непознати испраќачи. Правните лица треба да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален софтвер чија цел е злоупотреба на податоците преку овие видови сајбер напади.
Авни Тахири