Извештај на ЕК: Нема напредок во превенцијата и борбата против корупција
Генерално земјава има ограничен напредок во зајакнување на судската независност и подобрување на правната рамка за заштита основните права. Нивото на подготвеност за спроведување на европското законодавство и европските стандарди од Поглавјето 23 – судство и основни права е помеѓу одредено и умерено, се вели во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава во 2024 година.
Најавите на новата влада за „распуштање“ на Судскиот и Обвинителскиот совет, ЕК во Извештајот ги оценува со сериозна загриженост, бидејќи би ја поткопале независноста на судството и препорачува зајакнување на Судскиот совет преку ревидирање на законодавната рамка и нејзината севкупна функционалност во согласност со препораките на Оценската мисија.
Северна Македонија нема постигнато напредок во превенцијата и борбата против корупцијата и корупција останува распространета во многу области и е прашање на сериозна загриженост. За да се подобрат перформансите на ДКСК, Јавното обвинителство, истражните центри и единиците за спроведување на законот, ЕК оценува дека треба да добијат дополнителни човечки ресурси и финансиска поддршка.
Измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, ЕК оценува дека ја ослабнаа правната рамка негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, порачувајќи дека земјава во следната година треба да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.
Во Извештајот се оценува дека целокупната ситуација во затворите останува страшна и дека државата следната година особено треба се справи со ужасните услови во затворите и да продолжи со напорите за промовирање на алтернативни казни затвор и спроведување на соодветните препораки за условите во притвор.