ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Јанкулоска побара да ја ослободат од вина за прислушувањето и за уништувањето на опремата

Поранешната министерка за полиција, Гордана Јанкулоска, побара судиите да ја ослободат од вина за децениското нелегално прислушување и уништувањето опрема за следење на комуникациите во случајот „Таргет – Тврдина“.

„Мојата совест е чиста. Кривичното дело за кое ме обвинува обвинителството не сум го сторила. Во оваа постапка имате доволно докази и имате капацитет и да ја донесете единствената можна пресуда која во овој случај е ослободителна“, рече Јанкулоска.

На денешните завршни зборови на одбраната на обвинетите Јанкулоска порача дека и таа сака да бидат казнети оние кои со години нелегално прислушувале додека таа била на чело на полицијата. Рече дека и самата била жртва на, како што рече, монструозниот план за прислушување илјадници граѓани. Само за неа имало 23 илјади прислушувани разговори.

„Незаконски со години се прислушкувани илјадници граѓани а јас лично сум една од жртвите на овој монструозен процес кои биле најмногу и најдолго прислушувани“, додава Јанкулоска.

И Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинет на директорот на УБК, Сашо Мијалков, побара судот да го ослободи од вина. Обвинителството го товари дека заедно со Горан Грујевски ја уништил опремата за прислушување откако излезе скандалот дека во земјава УБК нелегално снима граѓани. Машините биле уништени со објаснување дека се застарени и чинат само еден денар.

„Му предлагам на судот да донесе ослободителна пресуда, бидејќи кривичните дела за кои ме обвинува не се кривични дела според закон“, рече Тони Јакимовски, обвинет.

Обвинителството пак, со вештачење утврди дека уништената машина за прислушување чинела 1,4 милиони евра. Дополнително побара максимална казна за Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ, вработена во УБК. За децениското нелегално прислушување обвинети се вкупно 12 лица. Со денешните заврши зборови случајот завршува и останува само уште изрекувањето на пресудите.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button