ЗДРАВСТВО

Како да израснете креативни деца

Под поимот ”креативност” многу луѓе веднаш подразбираат танц, музика, уметност, глума или други таленти и способности. Креативноста е всушност многу повеќе од тоа, дел од секојдневниот живот.

Да не постоеше креативноста, многу луѓе не би биле во можност да го постигнат успехот кој успеале да го постигнат. Без креативност не може да се создаде нешто ново, а таа не е нешто што може да се форсира. Вистинската идеја не доаѓа кога упорно се трудиме да размислуваме за неа.

Детето кое покажува изразени знаци на креативно размислување и голем потенцијал за успех, треба да се поттикне да ја развие таа способност, наместо да се насочува само кон амбиција за постигнување на одредена цел.

Опшеството ги претвора малите генијални, креативни умови во роботи кои треба да следат правила и да не размислуваат надвор од кутијата. Како мали птици во кафез, лишени од слободата на размислување и создавање.

Наместо на малото дете да му покажете како треба да изгледа замокот кој го гради од песок со кофи на плажа, оставете да го измисли. Оставете го да создаде, колку и необична и нелогична таа креација ви изгледа вам.

Токму правилата на кои не учат од рана возраст се причина за ”гушење” на креативноста. Правила кои ја ограничуваат личната слобода за изразување, уникатните мисли и идеи – делот кој треба да го развијат и искористат.

Дозволете им на децата да ги развијат сопствените вредности наместо да им ги наметнувате своите. Оставете ги да го откријат светот, умствено да отпатуваат во неоткриени предели, да се запознаат себеси во вистинскиот сјај.

Ако забележите дека вашето дете има изразена интелигенција и способност за решавање на математички проблем, не го притискајте да се насочи кон природно-математички науки. Способноста која ја поседува може да се искористи на многу начини, граници не постојат. Оставете го детето самостојно да го најде својот пат, но во меѓувреме бидете му незаменлива поддршка и сопатник.

Не можете да го програмирате детето да биде креативно на одреден начин, во било кое време и на едно, одредено поле. Ако детето е форсирано да биде успешно во нешто, ќе се претвори во робот кој нема да размислува многу за личен развој и напредок и ќе се ограничи само на поставените цели.

Како што рекол Ајнштајн: Љубовта е подобар учител од чувството за должност.“ -затоа најдоброто нешто што можете да го направите за вашето дете е да го оставите да го пронајде она што го сака и да го мотивирате да не го фрли својот потенцијал во вода.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button