РЕГИОН

Кирил Петков си даде оставка, Бојко Борисов бара нови избори

Бугарскиот премиер Кирил Петков утринава поднесе оставка, откако минатата недела на неговата Влада ѝ беше изгласана недоверба и тој го загуби мнозинството во Парламентот. Претседателот на државата, Румен Радев веќе ги започна консултациите со најголемите парламентарни партии, во обид да се состави нова Влада без притоа да се оди на нови избори. Радев вели дека покрај сите моментални предизвици, не е време и за политичка криза. На консултациите кај претседателот први се појавија пратениците на ГЕРБ на Бојко Борисов кои најавија дека ако добијат мандат за да формираат Влада, тие би го вратиле.

„Гледате ли доволно потенцијал во ова Народно собрание за формирање на ново владејачко мнозинство?“, рече Радев.

„Потенцијал за коалиција базирана на принципи нема, а за таква без принципи веројатно потенцијалот е голем. Не верувам дека таквото мнозинство би било одржливо“, рече Томислав Дончев – ГЕРБ.

Борисов претходно истакна дека е неопходно што поскоро одржување на предвремени парламентарни избори и во меѓувреме, ги демантираше информациите дека се подготвува за политичка пензија.
Инаку, пратениците од партијата на Петков и бугарските социјалисти денеска не се појавија кај Радев, поради, како што истакнаа, активностите во Собранието околу ребалансот на буџетот. За нив изборите не се опција и се надеваат дека ќе формираат Влада.

„Ние од БСП сметаме дека во вакви услови за Бугарија е подобро да се направи обид да се формира Влада, но сепак на основа на некакви принципи“, вели Румен Гечев – пратеник од БСП.

Од партијата на Петков веќе кажаа дека тие би се обиделе да предводат и малцинска Влада, без мнозинство во Собранието. Последните резултати од истражување на „Галуп интернешнл“ покажуваат дека 50,5% од Бугарите не ја одобруваат изгласаната недоверба за Владата на Петков. Според процедурата, претседателот Радев има можност трипати да го додели мандат за состав на нова Влада. Доколку никој не успее во намерата, тој треба да го распушти Собранието и да закаже нови избори кои би биле четврти за рок од две години.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button