Клековски очекува неделава да се надмине недостигот на два лека на Онкологија

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски очекува неделава да се надмине недостигот на два лека на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје. Другите лекови, како што појасни тој денеска во изјава за медиуми, ќе бидат набавувани во соодветни постапки, и како што истакна, и тие ќе бидат за брзо време достапни.
Тој беше прашан дали се има конкретен план како да се надмине проблемот со недостиг од лекови на Онкологија, за што алармираа пациенти во текот на вчерашниот ден.
– За да се надмине проблемот, треба да се знае зошто е настанат проблемот. Да, има дефектура на пет лекови во моментот. И немањето лекови е настанато делумно заради традиционални проблеми, делумно заради промени што се случуваат во од. Традиционалните проблеми – секогаш на преминот од една во друга финансиска година, се случуваат вакви проблеми. Тие досега се решавале со реверси, бидејќи реверсот како начин на работа е противзаконски, сите директори вклучувајќи и на Клиниката за онкологија, има наредба, знаат дека не треба да примаат лекови на реверси. И во тој период од една во друга финансиска година и непримањето на реверси, допринесе да настане овој проблем, појасни Клековски.
Според него, проблемот не е финансиски.
– Ние одобривме минатата година пет милиони евра повеќе. За оваа година ќе одобриме значително поголеми средства. Тука е преминот од една во друга година. Она што се работи во моментот е дека мислам дека два од лековите со расчистување на одредена администрација, може дополнителни количини да се обезбедат. Другите ќе бидат набавувани во соодветни постапки, ќе бидат многу брзо достапни, бидејќи проблемот, повторно, не е финансиски, туку организациски. Ова е за краткорочниот проблем, а тоа е преминот од една во друга година и забраната на употреба на реверси, додаде Клековски.
Долгорочниот проблем, според него, е суптилниот проблем дека тие во основа не знаат за колку пациенти, колку терапија е потребна.