
Универзитетската професорка Гордана Силјановска Давкова е првата жена што седна во претседателската фотелја на Македонија откако на изборите на 8 мај ја доби довербата на 561.000 граѓани на земјата.
Родена е на 11 мај 1953 година во Охрид, дипломирала на ПРАВНИОТ факултет во Скопје, а докторирала во Љубљана, Словенија. Таа е мајка на две деца.
За прв пат се вклучУВА во политиката во 90-тите, односно беше министерка без ресор во Владата од 92-94 година, предводена од тогашниот премиер, Бранко Црвенковски.
Во политиката стана гласна во 2004-2005 година кога излезе против Законот за територијална организација кој се однесуваше на поделба на општините според Охридскиот договор.
Таа во 2017 година беше и против Законот за употреба на јазиците, со кој албанскиот јазик стана втор официјален јазик во државата. За истото, Силјановска-Давкова се изјасни дека е неуставно и надвор од Охридскиот договор.
За Договорот од Преспа, со кој се смени името на државата од Република Македонија во Република Северна Македонија, Силјановска Давкова во својата програма со која победи на изборите пишува дека истиот е донесен со кршење на националното и меѓународното право и дека овој договор е мешање во внатрешните работи на Македонија и влијае на нејзиниот идентитетот.
И покрај тоа што договорот ги обврзува државата и носителите на функции да го користат новото име со придавката „Северна“, Силјановска во својата програма пишува дека нема да го користи. Тоа го докажа и денеска кога положи заклетва во собранието.
За уставните измени, од кои зависи судбината на интеграцијата на земјата во Европската унија, Силјановска Давкова во предизборната кампања изјави дека доколку Собранието ги одобри овие измени кои предвидуваат вклучување на Бугарите во Уставот, ќе го почитува тоа.
Инаку, Силјановска Давкова во 2019 година се кандидираше за претседател на државата, но тогаш беше поразена од нејзиниот претходник Стево Пендаровски. Таа беше пратеник во собранието од 2020 до 2024 година./Алсат.мк
Суад Бајрами