МАКЕДОНИЈА

Компанијата Заубермахер една година управува со отпадот во Тетово, состојбата видно променета

Преку еколошки форум, компанијата Заубермахер, која управува со отпадот на градот Тетово, ја одбележа првата годишнина од работењето. Менаџерот на Заубермахер, Ханс Рот изјави дека почетокот бил тежок, но сега по една година ситуацијата околу чистотата во Тетово е променета. Тој дури најави дека оваа компанија нема да се занимава само со чистење на отпадот, туку и со подигање на граѓанската свест, почнувајќи од училиштата и другите институции.

„Пред една година од плоштадот во Тетово заедно со градоначалникот рековме дека ќе биде тешко и некои прашуваа дали ќе успееме, но јас реков дека ќе успееме. И сега, по една година, тука сме да им се заблагодариме на сите. Она што го почнавме минатата година, ќе го продолжиме понатаму, но продолжувајќи со училиштата и националниот парк за Тетово да биде чисто во сите области, продолжувајќи со активностите со училиштата и другите области“, рече Ханс Рот, Заубермахер.

„Денес имаме ситуација во која Тетово е значително почисто и поорганизирано, иако имаме уште проблеми за решавање. Тоа веќе има врска со тоа што некои граѓани се жалат на плаќање сметки, за кои иако знаеме дека секоја добиена услуга треба да се плати, поради искуството од минатото сметаат дека ваквото неплаќање треба да продолжи, но верувам дека и овој мал дел од граѓаните ќе се уверат дека нема услуга за која не се плаќа. Но, сега не сме во фаза на жалби туку во фаза на решавање проблеми“, рече Билал Касами, градоначалник на општина Тетово.

Вицепремиерот Изет Меџити на форумот се заблагодари на австриската држава за партнерството во борбата против отпадот и заштитата на животната средина.

„Овој форум е одлична можност за размена на идеи за нашите заеднички акции за заштита на нашата природа и ресурси. Она што е уште поважно на овој форум е меѓународната соработка меѓу двете пријателски земји, Австрија и Македонија, а имаме големи можности да учиме едни од други и да споделуваме знаења и успешни практики во областа на животната средина“, рече Меџити.

За една година работење, Заубермахер во Тетово успеа да вработи над 100 лица, додека за подобра чистота на градот оваа компанија обезбеди стотина нови контејнери и осум камиони за собирање отпад.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button