СВЕТ

Кошта: Време е ЕУ да ги исполни дадените ветувања, како што кандидатите за членство ги исполнуваат своите

Европската Унија е целосно посветена на нејзиното проширување, како најголема геополитичка инвестиција за мир и безбедност за нашите народи и нашиот континент, порача денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето пред европратениците на дебатата во Европскиот парламент посветена на резултатите од декемврискиот Самит на ЕУ.

– Шесте земји од Западниот Балкан, Украина и Молдавија работат напорно за да ги исполнат своите обврски. Нема сомнеж дека иднината на овие земји е во нашата Унија. Време е да ги исполниме нашите ветувања, како што тие ги исполнуваат своите, порача Кошта.

Тој нагласи дека на декемврискиот Самит преовладувало чувството на единство меѓу лидерите на ЕУ, кое е особено важно, бидејќи, како што рече, земјите членки само заедно може да се справат со најголемите предизвици со кои се соочува Европа.

Кошта истакна дека од Самиот била испратена јасна порака оти Европската Унија ја потврдува својата поддршка на Украина онолку долго колку што е потребно и за што и да и е потребно за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир, став кој му бил пренесен и на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

– Ветуваме дека ќе ја зајакнеме позицијата на Украина за секое сценарио. Мирот мора да биде мир избран од Украина и од Украинците, заради безбедноста на Украина, заради безбедноста на Европа, рече Кошта.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button