ВЕСТИРЕГИОН

Косово е благодарно на САД, порача претседателката Османи по договорот со Белград

Косово е благодарно на САД, порача косовската претседателка Вјоса Османи откако синоќа во Брисел со посредство на ЕУ беше постигнат договор помеѓу Приштина и Белград за регистарските таблици на возилата на косовски Срби.

Пораката со благодарност до САД, Османи ја испрати преку Твитер нагласувајќи дека тие имаат мошне значајна улога во процесот на преговорите и во спречување на ескалацијата на состојбите.

„Сакам да му се заблагодарам на амбасадорот Ховениер и на американската влада за нивното активно залагање во постигнувањето на денешниот договор во Брисел. Нивната поддршка за процесот на дијалог меѓу Косово и Србија е неопходна. Косово е благодарно“, напиша Османи.

Вашингтон, пак, од своја страна го поздрави договорот. Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс изјави дека САД го поздравуваат постигнатиот договор меѓу Белград и Приштина за регистарските таблички, што се „мерки за да се избегне понатамошна ескалација на тензиите“.

Тој додаде дека САД ја поздравуваат одлуката на двете страни да ги стават интересите на луѓето на прво место и да го подобрат квалитетот на секојдневниот живот.

Веста дека е постигнат договор синоќа ја објави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел. Двете страни се договорија дека Приштина ќе го одложи изрекувањето казни за косовските Срби кои не ги смениле српските со косовски регистарски таблички, додека Белград ќе престане да издава таблички со српски ознаки за возилата во северно Косово.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button