ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Косово не учествуваше на Отворен Балкан, „мирисал“ на Исток

Очекувано Косово не учествуваше на самитот во Охрид. Косовскиот премиер Албин Курти во писмото што му го испрати на премиерот Димитар Ковачевски навел дека одбива да учествува бидејќи Косово останува ангажирано во т.н. Берлински процес. Тој е дипломатска иницијатива почната во 2014 година чија цел е проширувањето на ЕУ со државите од Западен Балкан. Според Курти, иницијативата „Отворен Балкан“ повеќе личи на „Отворен Балкан за источните влијанија“, отколку на иницијатива за заеднички регионален пазар.

И покрај тоа, учесниците на денешната средба го повторија повикот до Косово да се приклучи на иницијативата. Албанскиот премиер Еди Рама, земајќи го примерот на САД и Јапонија, но и Франција и Германија, рече дека Отворениот Балкан може да се гледа како можност за помирување меѓу Косово и Србија.

„Колку повеќе се приближуваме, толку повеќе ги решаваме проблемите и непријателствата, толку повеќе имаме можност да го решиме проблемот меѓу Косово и Србија,“ рече Еди Рама, премиер на Албанија

„Не значи сите да ја поддржат оваа иницијатива, но важно е дека таа добива сè поголема поддршка. Добредојдени се сите барања за приклучување кон иницијативата,“ рече Александар Вучиќ, претседател на Србија

За разлика од Косово, на состанокот во Охрид присуствуваа Црна Гора и Босна и Херцеговина, но во својство на набљудувачи.

Албанскиот премиер на Фејсбук напиша дека учеството на Абазовиќ официјално ја става Црна Гора во „Отворен Балкан“. Но, Абазовиќ тоа го демантираше, нагласувајќи дека дошол во Охрид не за тоа, туку за да го искаже, заедно со партнерите од ЕУ и сојузниците на НАТО, ставот кон една регионална иницијатива како оваа. Од Босна и Херцеговина, пак, рекоа дека не се дел од иницијативата затоа што немаат внатрешен политички консензус.

„Босна формално не е членка на иницијативата, но се надевам дека ќе бидам последниот тука како набљудувач или кој било друг што ќе дојде овде да зборува како член на иницијативата Отворен Балкан. За жал, во БиХ нема консензус за оваа иницијатива. Нема сериозен одговор на она зашто не е поддржано, како што нема и негативен одговор. Едноставно владее молк,“ рече Зоран Тагелтија, претседател на Советот на министри на Босна и Херцеговина

Иницијативата „Отворен Балкан“ е продолжение на балканскиот „мини-шенген“, претставен во Нови Сад на 10 октомври 2019 година од Србија, С Македонија и Албанија.

Исуф Кадриу

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button