Косовската полиција направи претреси на пет локации во северно Косово
Косовската полиција изврши претреси на пет локации во три општини во северно Косово, Северна Митровица, Звечан и Зубин Поток. Според полицијата, акцијата е поврзана со настаните од 24 септември, во Бањска, Звечан, каде што беше убиен полицискиот наредник Африм Буњаку. Полициската акција била спроведена главно на имоти кои биле идентификувани како сопственост на осомничениот Милан Радоичиќ. Конфискувани се два мерцедеси и еден четирицикл.
Според информации на Радио Слободна Европа, полициските службеници во Северна Митровица, биле и во градската болница. Директорот на болницата, Златан Елек, потврди за медиумите дека полицијата ги конфискувала снимките од надзорните камери и не нашла ништо друго сомнително.
Полициските службеници, исто така, биле во ресторан во Северна Митровица, за кој се верува дека е во сопственост на Ема Радоичиќ, сопруга на потпретседателот на Српската листа. Полицијата соопшти дека рациите биле спроведени во координација со Мисијата на Европската унија за владеење на правото, ЕУЛЕКС и мисијата на НАТО во Косово, КФОР.
Милан Радоичиќ е обвинет од косовските власти дека ги организирал и бил дел од нападите врз полицијата во Бањска. Тој е санкциониран од САД и баран од косовските институции.
Косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свечла, објави снимка од беспилотно летало, велејќи дека еден од мажите – виден како носи униформа и е вооружен – е Радоичиќ.
Косовската полиција пронајде арсенал оружје во манастирот Бањска, каде што српските терористи се засолнија во неделата на 24 септември. Оружјето пронајдено таму се проценува на вредност од 5 милиони евра и е довоно да се наоружааат стотици луѓе.