ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Ковачевски, Османи и Николовски на самитот во Прага

Делегацијата од Македонија на Самитот на Европската политичка заедница ја преводи премиерот Димитар Ковачевски, кој за Чешка замина со шефот на дипломатијата Бујар Османи и министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Од Владата соопштија дека премиерот учествува на тркалезната маса со европските лидери посветена на економијата и енергетиката, но и на дискусии за мирот и безбедноста на континентот.

Учеството на Македонија, но и останатите земји од Западен Балкан во Европската политичка заедница, претходно покрена лавина реакции. Многумина оценија дека оваа заедница ќе претставува план „Б“ при евентуален неуспех за полноправно членство во Европската унија. Домашните власти неодамна ја отфрлија ваквата можност, повикувајќи се на изјавите на Макрон и Шолц дека новата заедница не е замена за ЕУ.

Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Прага рече дека е задоволен што учествува. На иста линија беше и претседателката на Косово, Вјоса Османи.

„Албанија е дел од Западен Балкан, кој се граничи со земји од Европската Унија и за нас е круцијално, додека не сме во ЕУ, односно имаме „Е“ без „У“, да бидеме со Вас заедно“, рече Еди Рама – премиер на Албанија.

„Тука сум во име на мојата држава, Република Косово, за да ја презентирам мојата земја на оваа важна платформа, каде на секој од нас подеднакво ќе може да му се чуе гласот“, изјави Вјоса Османи – претседателка на Косово.

Српскиот претседател Александар Вучиќ пак, воопшто не зборуваше за можноста оваа заедница да биде замена на Унијата. Тој се осврна на барањето на хрватски европратеник со Србија да бидат запрени преговорите за членство сè додека Белград не се приклучи на санкциите кон Русија. Вучиќ воедно изрази незадоволство што Брисел со новите санкции разгледува да му се забрани на Западен Балкан користењето на руска нафта. Тој за ваквата иницијатива, одобрена и од хрватските власти, го обвини Загреб.

„Не сте вие тие, од Хрватска, кои ќе ја водите политиката на државата Србија. Многу сум горд што Србија е слободна земја и сама си ги носи одлуките. Со чист образ влегувам и без страв кон оние што ѝ се закануваат на Србија. Влегувам мирно и на сите ќе им дадам одговор“, рече Вучиќ.

„Ова е една ненормална реторика што доаѓа од Србија, односно од Вучиќ, Брнабиќ и нивните гласноговорници во таблоидите. Јас првпат доживеав оваа година да ме наречат – ваш главен усташ во Хрватска, дека ова е најусташката Влада. Еве тоа и кај нас го зборуваат крајните десничари“, изјави Андреј Пленковиќ – премиер на Хрватска.

Претходно, лидерите на земјите членки на ЕУ, потенцираа дека целта на Европската политичка заедница е да се даде на земјите аспиранти чувство на припадност кон европскиот клуб пред нивниот формален пристап во ЕУ.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button