ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ковачевски покани, Мицкоски прифати – наскоро лидерска средба

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе го покани на состанок претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Ковачевски истакна дека ова би се случило во наредните десет дена, а на маса тој би поставил две теми за разговор со лидерот на опозицијата.

„Првата тема ќе биде носењето на одлуки потребни за интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, а втора усогласување на ставови за односите со сите соседни држави на Република Северна Македонија“, рече Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека кога станува збор за националните и државните интереси на Македонија, претседателот на партијата е подготвен да разговара во било кое време.

„Доколку постои желба за национално единство и слушање на гласот на мнозинството, прифаќаме лидерска средба на која треба, меѓу другото, да се види што ќе се прави во периодот по неуспехот на тие уставни измени и иднината на граѓаните која треба да се обезбеди“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, вчера работната група за уставни измени, во која не учествуваше опозицијата, ги финализираше нацрт-амандманите, а премиерот Ковачевски коментирајќи го процесот за промена на Уставот денеска кажа дека нивната предлог-иницијативата веќе од понеделник ќе биде архивирана во Владата. Тој без да прецизира кога додаде дека предлогот ќе се разгледа на владина седница. Неофицијално, тоа се очекува да се случи уште истиот ден, а потоа предлог-иницијативата би била доставена во Собранието. Ковачевски нагласи дека текстот што го изготви работната група за уставните измени ги демантира тврдењата на опозицијата.

„Повторно паднаа во вода сите лаги што беа кажувани во текот на изминатите две-три недели, затоа што еве претседателот на опозицијата кажуваше дека ќе сме станувале бинационална држава, па тринационална држава, па држава на еден народ, неколку нации и неколку заедници…“, рече Ковачевски.

Премиерот повторно порача сите да дадат поддршка за стратешката цел на државата за членство во Европската Унија.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button