ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Ребалансот на Буџетот, за справување со економската криза

Ребалансот на Буџетот е насочен главно кон справување со економската криза, ревидирање на фискалните проекции, преструктуирање на буџетските расходи, задржување на фискалната одржливост и оптимизација на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, изјави денеска во Собранието премиерот Димитар Ковачевски.

Одговарајќи на прашање од пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ, Ковачевски рече дека вкупните приходи со ребалансот се предвидува да бидат зголемени за 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повеќе од иницијално планираниот Буџет, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 288 милијарди денари или за 16 милијарди денари или 5,9 проценти повеќе во однос на иницијално планираните, кои што нагласи дека ќе се искористат исклучиво за поддршка на стандардот на граѓаните, за поддршка на економијата и за поддршка на ликвидноста на компаниите, но и за обезбедување финансиски средства за енергетскиот сектор.

Ковачевски посочи дека имаме надолна корекција на БДП и зголемување на проекцијата на инфлацијата на 7,2 проценти, додека со ребалансот успеале да направат намалување на непродуктивните трошоци и на трошоци кои што не мора да се направат во износ од 215 милиони евра.

Обезбедени се, посочи премиерот, и средства за непречена исплата на пензиите и платите, како што е договореното зголемување со СОНК, но и предвидените зголемувања на платите во МВР, во Судскиот систем и другите функции во државата, кои што беа предмет на разговори со синдикатите.

Врз основа на овие влезни податоци, Ковачевски рече дека е планирано зголемување на дефицитот на ниво од 5,3 проценти./MИА

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button