ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Сè уште нема прифатлив предлог со Бугарија

Нема промена во однос на ставот на Скопје за францускиот предлог – во оваа форма не е прифатлив, а преговорите продолжуваат. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека сега преговорите со Софија се водат на ниво на експерти, а според вицепремиерот Бојан Маричиќ, земјава не може да прифати предлог кој не е во согласност со националните позиции.

„Министерството за надворешни работи, со своите експертски тимови разговараат со МНР во Бугарија. Во моментот кога ќе има прифатлив предлог од двете страни, тогаш тој предлог ќе може да биде ставен во институциите во Република Северна Македонија. Во овој момент таков предлог нема“, вели Ковачевски.

„Чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, исклучување на историските прашања од преговарачката рамка и почеток на пристапните преговори пред да започне процесот на уставни измени“, рече Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања.

Европратеници кои денеска беа во посета на Собранието, рекоа дека имаат разбирање за црвените линии на земјава и е важно да се зборува за иднината, а не за историјата. Сепак, дел од нив порачаа дека е време за храбри одлуки, кои со себе носат и политичка цена.

„Ќе останам оптимист и верувам дека наскоро ќе можеме да го пофалиме конкретниот напредок, па и договорот којшто верувам дека може да се случи, само ви треба политичка волја“, рече Ирена Јовева -европратеничка од Словенија.

„Моменталната ситуација е тројна загуба. Губи Северна Македонија, губи Бугарија, губи Европската унија. Време е за храбри одлуки, визионерски пристап и за пријателство“, изјави Илхан Ќучук – европратеник од Бугарија.

„За жал немаше можност да започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија на Самитот на Унијата, но напорите продолжуваат и свесен сум за фрустрациите во јавноста“, рече Дејвид Гир – Амбасадор на ЕУ во Скопје.

Дали ќе има исчекор кон отпочнување преговори на Скопје и Брисел би се знаело до четврток, кога е и последниот ден од француското евро-претседателство, по што на чело на Советот застанува Чешка, која во своите приоритети го нема процесот на проширување на Унијата.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button