ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Криминалот и корупцијата и политичката неизвесност ги плашат германските инвеститори во земјава

Германските компании кои инвестирале во Македонија не дале добри оценки за условите за бизнис во земјава. Во анкетата што ја спроведе „АХК“ дел од Германската стопанска комора во Скопје, 46 отсто од инвеститорите изјавиле дека перспективата за развој на бизнисот овде е полоша од лани. Нестабилна политичка ситуација, организиран криминал и корупција, недостаток на работна сила, бирократија во администрацијата, високата цена на струјата, правна несигурност, се дел од факторите кои ги разочарале ерманските инвеститори во земјава. Претставникот на оваа Комора вели дека доколку се подобрат овие услови, уште повеќе ќе се зголеми интересот на Германците за инвестирање во автомобилскиот, енергетскиот, градежништвото, металургијата и преработката. Но, дел од фирмите подизведувачи не ги почитуваат работничките права и не плаќаат доволно за трета смена и прекувремена работа.

„Во новиот Закон за работни односи мора да се исполнат обврските на синџирот на клиенти. Германските компании исто така мора да гарантираат дека нивните изведувачи ги исполнуваат сите потребни услови, без разлика дали се поврзани со работната сила или со зачувување на животната средина. Но, мора да се направат и проверки на местото на настанот бидејќи тоа е одговорност“, рече Антје Ванделт, Германска стопанска комора во Македонија.

Вршителот на должноста германски амбасадор во Скопје, Ото Граф, рече дека значително е зголемен интересот на македонските граѓани за работни визи во Германија.. Граф ја објаснува причината зошто работната сила избира да дојде во Германија да работи и живее а не аплицира во германските компании кои се во Македонија.

„Во однос на визите, граѓаните на Македонија, како што важи и за другите земји од Западен Балкан, има посебна регулатива дека во Германија не одат само квалификувани работници, туку сите што ќе најдат работа. Побарувањата и кај нас и од земјите од регионот се големи, но има уште поголема потреба на германскиот пазар на труд. Ценам дека платите не се единствената причина поради која емигрираат, туку и иднината на семејството, квалитетот на образованието на нивните деца, па многу луѓе својата иднина ја гледаат на Запад. Следното прашање е здравственото осигурување, доколку се појави некоја покомплицирана болест, тука околностите не се на вистинското ниво“, рече Ото Граф, В.Д. Германски амбасадор во Скопје.

Германската комора во соработка со Министерството за образование од 2017 година обучува ученици за мехатроника во 7 стручни училишта во Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Тетово и Куманово, кои се поврзани со 15 партнерски компании кои обезбедуваат пракса на 420 ученици. Оваа година ангажирале 135 ученици.

Во Македонија работат повеќе од 200 компании со германски капитал, кои вработуваат над 20.000 луѓе. Трговската размена меѓу Македонија и Германија е 4,8 милијарди евра.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button