МАКЕДОНИЈАПОСЛЕДНИ

Критична состојбата во Дебар, дуќанџиите ги затвораат локалите

Дуќанот се издава под кирија. Натписи со ваква содржина можат да се видат на дел од затворените продавници во дебарската чаршија. Поради корона кризата многумина дебарчани се приморани да ги затворат нивните бизниси. Велат, нема движење, нема работа, а со тоа нема ниту промет во дуќаните.

„Опаднат е проментот за 90 до 95%. Има затворени локали, јас барем знам четири – пет, кои се затворени, поради кризата со короната. Почетниот период, првите три четири месеци од кризата, беа фатални за сите бизниси. Се потрудивме малку да ја подобриме ситуацијата за време на летниот период, но за жал, не дојдоа иселениците, а ние зависиме од нив, па така и нашата желба не се исполни“, вели еден сопственик на локал.

„Вакви кризи и пандемии имало и порано во 1916 и 1945 година. Се умирало за леб. Како град Дебар, секогаш има криза и кога немало вакви пандемии. Мало место, погранично, го рачунаат како слепо црево“, рече еден дуќанџија.

И оние кои се уште егзистираат  планираат да затворат. Други се плашат како ќе преживеат, бидејќи останале без работа.

„Падната е работата. Многу е паднат прометот поради короната. Се трудам да му помогнам на синот, но тешко оди. Не можеме придонесите да ги плаќаме. Бутикот работи скоро 30 години. Никогаш сме немале криза и секогаш сме работеле со позитивни резултати, но годинава дно“, рече Ќемал Исаку-сопственик на дуќан.

„Имам четири сина исто така музичари на свадби. Но годинава немаат работа. Откажани се скоро 40 свадби, поради затворањето на рестораните за свадби. Се надевам дека што поскоро ова чудо да заврши и да се вратиме на нормален живот како порано“, додава еден музичар.

Дебарчани велат дека се живее уште потешко. Сиромаштијата е поприсутна после појавата на пандемијата.

„Точно е дека во Дебар дуќаните не работа поради короната. Криза е, луѓето се без работа, а и тие што работат, газдите ги отпуштаат“.

„Еве види никој не влегува по дуќаните, само да се движиш. Кај овој бербер  еден муштерија дојде за еден час. Што ќе прави со 500 денари. Опстанокот од овде е многи тежок“, велат дебарчани.

Но наспроти тврдењата на бизнисите, локалните власти велат дека не е толку лоша ситуацијата, бидејќи очекувале поголем пад на локалната економија во Дебар.

„Многу од малите и средни бизниси почнаа да се рестартираат. Благодарение на владините мерки кои се преземаат, многу тоа влијае врз нив и врз локалната економија во градот. Немаме невработеност поради пандемијата, нема отпуштања од работа. И мислам дека ситуацијата ќе се подобри“, рече Хекуран Дука-градоначалник на Дебар.

Бројот на невработени во Дебар во моментот изнесува 2.938 лица.

„Во Центар за вработување Дебар, заклучно со состојба на 30.09.2020 година по основ на прилив од работен однос евидентирани се 66 невработени лица, за кои престанокот, односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот после 11.03.2020 година, односно во период на кризата предизвикана од COVID-19 вирусот“, наведуваат од Агенцијата за вработување.

Од општината очекуваат дека нема да има колапс и пад на економијата во Дебар.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button