
Косовскиот премиер Албин Курти го обвини Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалогот меѓу Приштина и Белград, дека „зазема позиција“ против Косово.
На прес-конференција во Приштина на 18 септември, Курти рече дека за време на последната рунда од дијалогот Лајчак „имал јасна позиција против Косово воопшто, а особено против Договорот за нормализација на односите“.
Тој рече и дека му се чини дека „има координација“ меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и Лајчак за да се создаде „алтернативно сценарио во кое половина од договорот нема да се спроведе“.
„Во наредните денови дефинитивно ќе имам средби со сите меѓународни фактори кои ја прифатија државата Косово и кои сакаат да ни помогнат и поддржат во демократското државно градење, социо-економскиот развој, но и со меѓународните признанија, особено во однос на нормализирање на односите со Србија. Сега имаме решение: тоа е Основниот договор и де факто меѓусебно признавање“, рече Курти.