РЕГИОН

Курти најави тужба против Србија за злосторствата извршени на Косово

Еден ден пред патувањето во Брисел за да присуствува на традиционалната вечера организирана од високиот претставник на ЕУ, Борел, за шесте лидери на Западен Балкан, косовскиот премиер Албин Курти, за време на презентацијата на владината програма, најави тужба против Србија во МСП за злосторства на Косово.

„За одложената правда против злосторствата на Србија на Косово во текот на 1998 – 1999 година, конечно ќе го формираме Институтот за злосторства извршени за време на војната во Косово и ќе поднесеме тужби за геноцидот на Србија на Косово пред МСП“, рече Курти.

Лидерот на ДСК, Лумир Абдиџику, кој се согласи со намерата да се покрене тужба против Србија, рече дека ова прашање не треба да се користи политички, додека побара од Владата да се подготви добро за ова прашање.

„Подготовките за тужба го надминуваат капацитетот на една Влада затоа што, пред сè, таквата тужба претставува цел народ. Како таква, таа мора да биде добро подготвена, толку добро за да не пропадне, затоа што неуспехот е дамка за иднината и непростлив презир кон жртвите и целото минато“, вели Абдиџику.

Курти од друга страна рече дека решавањето на отворените прашања со Србија треба да се направи преку принципиелен дијалог, но само како рамноправна страна.

„Косово го прифаќа дијалогот со Србија како рамноправна страна за решавање на нерешените прашања, како што се расветлување на судбината на исчезнати лица, исчезнати преку насилство, долговите и воените штети, реперациите и сукцесиите. Косово не прифаќа и нема да учествува на ниту една тркалезна маса каде што се третира како тема на дијалог, а не како страна“, додаде Курти.

Курти рече дека програмата на Владата има за цел да се фокусира на два најитни приоритети: управување со пандемијата и ублажување на економските и социјалните последици предизвикани од пандемијата, за кои е потребна мобилизација на државниот потенцијал. Опозициските партии го критикуваа планот на владата, за која велат дека нема план за акција, тој е површински, неконзистентен и нема референца за финансиско покривање. Тие исто така го критикуваа планот на владата во однос на јавното здравство.

Шкелзен Аќифи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button