Косовскиот премиер Албин Курти на денешната седница на Владата изјави дека продолжуваат консултациите со меѓународните партнери за отворање на мостот на реката Ибар што ги дели двете општини – Јужна и Северна Митровица.
Во моментот мостот на Ибар, од чија јужна страна живее мнозинско албанско население, а на северната мнозинската српска заедница, е отворен само за пешаци.
Курти изјави дека во вторникот разговарал и со командантот на КФОР за ова прашање како дел од редовните и тековните консултации.
„Помошта на КФОР е многу важна во однос на ова прашање, разговарав со командантот Озкан Улуташ за отворањето на главниот мост на Ибар во Митровица. Веруваме дека отворањето на мостот ќе биде од корист за сите. Претставивме и извештај за стабилноста на мостот за сообраќај“, рече Курти.
Тој оцени дека слободата на движење е возможна со владеење на правото, мир и безбедност.
Во повоениот период, овој мост беше симбол на конфликтот и барикадите што ги подигнаа косовските Срби за да се спротивстават на напорите на Косово да воспостави власт на север.