МАКЕДОНИЈА

Левица: Апликацијата за попис на дијаспората има и други недостатоци, пописот да се прекине

Откако група програмери укажаа на низа пропусти и недостатоци на апликацијата за попис на дијаспората, кој започна на 1 март, првиот човек на Државниот завод за статистика (ДЗС), наместо сериозно да се зафати со решавање на недостатоците на системот, тој повторно во стилот на власта, им се закани на граѓаните со затворски казни, реагираат од опозициската Левица.

Во партиската реакција меѓудругото се додава:

„При постоење на сознанија за вакви сериозни недостатоци, каде граѓани во Републиката можат да се попишат како дијаспора, се поставува прашањето уште какви се’ други недостатоци има апликацијата за попис и какви се’ злоупотреби можат да се случат на податоците внесени во неа. Вчера во јавноста излезе информација дека програмери предупредуваат на други пропусти, како на пример дека, дури да внесете 13 нули во полето за матичен број, системот ќе ви овозможи пристап за попишување, бидејќи апликацијата не проверува валидност на матични броеви!

Аматеризмот во изведувањето на најзначајната статистичка операција се гледа и во тоа што, за попишување на населението надвор од границите по електронски пат, работата е доверена на бугарска компанија Скејлфокус, и тоа како донација. Притоа ова е направено без организиран тендер со јасно дефинирани критериуми кои ќе ја гарантираат безбедноста на процесот, власта „штеди” на спроведувањето на пописот со што дополнително го делегитимира целиот процес.

Апелираме до Власта, пописот да биде итно прекинат и истиот, со нов закон, кој ќе ги има предвид задолжителните норми на меѓународното право како и стандардите на Еуростат, да биде спроведен после подобрувањето на состојбата со пандемијата“, велат од Левица.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button