ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Локални избори – Големите партии со сопки за независните кандидати, тројно повеќе потписи за кандидатура

Сите партии договориле измена на Изборниот законик, тврди премиерот Зоран Заев. Промената која се најавува непосредно пред локалните избори, е подигањето на прaгот за собирање потписи за независни листи на кандидати за советници и градоначалници. По најавите во јавноста, дека независни кандидати имаат интерес да се натпреваруваат на изборите,партиите по еден месец преговарање, се договориле да интервенираат во потребниот број за собирање потписи.

„Апсолутно не се работи за некој договор меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, тука беа и Алијанса, тука беа и Левица ги гледам коментарите, беа сите коишто учествуваа на самиот Предлог-закон, на крајот законот се носи во Собранието и секако таму може да се отвори дебатата што е соодветна“, рече премиерот Заев.

Заев математички објасни, што значат промените кои ги договориле како што вели, сите парламентарни партии во Собранието.

„Утврден е праг, предлог од работната група до Собранието од два проценти. Два проценти значи, десет илјади избирачи, 200 потписи треба да соберат. Сто илјади избирачи, две илјади потписи“, додаде Заев.

Додека премиерот зборува за потписи од запишани избирачи, Изборниот законик во членот 62 за подносител на листа за кандидати за членови на совет пишува дека потписи се собираат од големината на општината или бројот на жители. Па така во општина до десет илјади жители засега потребни се само 100 потписи. За општина со 100 илјади жители потребни се 350 потписи, додека во општини со над 100 илјади жители 450 потписи.

За собирање потписи за независна кандидатура во Град Скопје според постојниот Изборен Законик се потребни илјада потписи од запишаните избирачи на територијата градот. Со промените кои ги најави премиерот, споредбено со Избирачкиот список од локалните избори во 2017 – та година, ќе се потребни 8767 потписи или 2 проценти од запишаните 438.352 избирачи на територија на главниот град. Од Демократскиот сојуз најавија дека го блокираат гласањето за измените во Изборниот законик со поднесување на илјадници амандмани.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button