ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Лопатите предизборно „заиграа“ низ општините, квалитет на изградбата дискутабилен

Како и пред сите локални избори така и овој период, на неколку месеци пред изборите може да се забележат засилени градежни работи речиси во сите општини од Македонија. Раскопани и реконструирани улици, промоција на нови урбани паркови, детски игралишта, отворање на градинки и уште серија проекти кои актуелните градоначалници го претставуваат на своите сограѓани. Граѓаните веќе навикнаа во изборна година општината во која живеат да биде претворена во едно големо градилиште.

Експертската јавност смета дека поголем дел од капиталните проекти кои се реализираат на локално ново се со сомнителен квалитет. Сè што сега ќе биде изградено, за помалку од две години или треба да се  реконструира или  целосно од ново да се гради.

„Кај општините главниот проблем е квалитетот на изведбата на проектите, затоа што тие покриваат помали територии и  доколку тие би се фокусирале на квалитетна градба, ние граѓаните нема да се замараме во следните десетина години со тој проект. Но, тие многу често ги повторуваат проектите. Еве, во цело Скопје каде и да се движиме гледаме дека исти проекти секој мандат се прават. Тоа е нелогично и несфатливо. Тоа значи губење на ресурси и губење на значајни финансиски средства.“

Според официјалните податоци на Министерството за финансии, во првиот квартал од годинава сите општини потрошиле околу 27 милиони евра за капитални проекти. Колку предвиделе да потрошат во првите три месеци не се знае, бидејќи надлежните од ЗЕЛС велат дека таков податок нема, односно никогаш не се правеле такви анализи.

„Секоја општина во проекцијата на својот буџет си ги планира и капиталните инвестиции. Освен изградба и модернизација на инфраструктурни проекти,  во капиталните проекти на локалните самоуправи влегуваат и набавката на нов мебел и купувањето на нови возила.“

Пред само неколку дена скопскиот градоначалник Петре Шилегов на новинарско прашање за реализацијата на капиталните инвестиции изјави дека не треба граѓаните да ги гледаат градоначалниците како фараони кои градат пирамиди и по тоа да ги запаметат. Инаку, општо познато е дека градоначалник ќе биде оној кој со својата програма ќе ги убеди граѓаните да гласаат за него затоа што ќе изгради определени големи проекти.

Ile Petreski

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button