ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мал интерес за вакцинација во Охрид, популацијата 310.000, пријавени само 15.000

Само околу 15.000 граѓани од целиот Југозападен регион на државата се пријавиле за да дојдат на вакцинирање во Охрид. Во овој град денеска почна имунизацијата со кинеските вакцини за жителите на Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Ресен, Вевчани и Дебрца, каде вкупно живеат околу 310.000 граѓани. Надлежните не знаат на што се должи слабиот одзив на граѓаните.

„Мислам дека ќе треба малку време. Луѓето ќе сфатат дека вакцинацијата е единствено нешто со што можеме да ја победиме оваа пандемија. Единствен лек за овој вирус е вакцината. Нема добри и лошо вакцини, сите се добри вакцини…“, вели Горан Балев, Директор на општа болница Охрид.

Граѓаните од другите градови кои ги сретнавме велат дека поголеми вакцинални центри требало да се отворат на повеќе места.

„…Ако го пропуштиме автобусот, треба да останеме овде. Требаше и во Кичево да отворат. Ова вака е малтретирање…“

„За нас постарите подобро ќе беше да имаше вакцинирање и во Ресен. Но, ни рекоа да дојдеме овде. Му благодарам на внукот од Битола, дојде и нè донесе…“

„…Од Ресен дојдовме. Со такси. Изложени сме на трошок. Има здравствен дом и во Ресен. Во Ресен ова требаше да се случи“, рекоа граѓаните.

Инаку, во регионалниот центар во Охрид се планира да се вакцинираат по околу 1.500 лица дневно. Епидемиолошката состојба во регионот актуелно е посмирена.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button