
Конкурентноста на ЕУ, последните настани поврзани со Украина и следните чекори во напорите за зајакнување на европската одбрана, ќе бидат главни теми на мартовскиот редовен Самит на Унијата, што започнува денеска во Брисел.
Покрај ова, шефовите на држави или влади на членките на ЕУ ќе разговараат и за следната Повеќегодишна финансиска рамка (МФФ) на блокот за по 2027 година, за најновиот развој на настаните на Блискиот Исток и прашања поврзани со миграцијата.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во поканата до лидерите на земјите членки на ЕУ за учество на Самитот, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта порача дека континуираната поддршка за Украина, потребата да се инвестира во европската одбрана и конкурентноста на блокот се тесно поврзани прашања.
– Поконкурентна Унија ќе значи посилна Унија, која ќе биде поспособна да ги заштити своите граѓани, своите интереси и своите вредности на глобалната сцена, посочи Кошта.