ВЕСТИЗДРАВСТВОМАКЕДОНИЈА

Матичните лекари продолжуваат со штрајкот

Матичните лекари продолжуваат со штрајкот

На вториот ден од штрајкот на матичните лекари во примарната медицина се лекуваат само итните случаи. На здравствените власти не им се допаѓа овој тридневен протест, нагласувајќи дека пациентите останале без медицински услуги, но не се знае кога може да се исполни ветувањето дека коефициентот по пациент ќе се искачи на 90 денари месечно. Министерот за здравство Беким Сали вели дека ова решение е дефинирано во законските измени кои се во завршна фаза.

„Ние како министерство не успеавме да убедиме само мал дел или 25% од матичните лекари, две од трите здруженија на матични лекари не се дел од овој штрајк, што значи дека не ја бојкотираат работата каде страдаат пациентите, а не системот. Промените во системот се прават со преговори, а не со штрајкови. За жал пациентите остануваат без здравствени услуги“, изјави Беким Сали, министер за здравство.

Од Здружението на матични лекари велат дека сè уште никој од Министерството или Фондот за здравство не контактирал со нив.

„Приоритет ни е зголемување на коефициентот на цените на здравствените услуги. Не знаеме дали во Владата или во Министерството за финансии некој треба да донесе одлука. Со сите овие поскапувања, пет последователни години насекаде имаше корекции, само во нашиот сектор има стагнација“, велат од Здружение на матични лекари.

Штрајкот на матичните лекари почна вчера, ќе трае до утре. Тие одлучија преку тридневен протест да не издаваат упати и рецепти, за да ја зголемат вредноста на плаќањето на медицинските услуги. Според договорите што приватните лекари ги имаат со Фондот за здравство, за секој пациент актуелно добиваат по 63 денари месечно, а нивното барање е оваа сума да се зголеми на над 90 денари. Како и општите лекари, така и стоматолозите и гинеколозите бараат зголемување на коефициентот.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button