ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Менструалните влошки државата ги смета како луксуз за жените

Менструалните влошки државата ги смета како луксуз за жените

И покрај суштинската и неопходна хигиенско-медицинска потреба, државата продолжува да ги класифицира менструалните производи како луксуз, со што ги оданочува со 15 проценти и со тоа им се зголемува цената. Економската криза и инфлацијата ја продлабочија менструалната сиромаштија, поради што не сите девојки и жени имаат пристап до овие витални производи за нив. Предложените законски измени со кои би се решил овој проблем, стојат во фиоките на Собранието. Цените на менструалните влошки се движат од 90 до 230 денари. Од невладиниот сектор алармираат дека многу жени имаат финансиски проблеми да си ги дозволат.

Податоците од студијата покажуваат дека жените кои немале пари да купат влошки биле принудени да импровизираат со крпи и тоалетна хартија, а половината од нив тоа го правеле повеќе пати. Според гинеколозите, овие методи некаде довеле до сериозни здравствени последици, почнувајќи од токсичен шок, па и смрт.

Потребата производите за менструална хигиена да се оданочуваат со 5 наместо со 18%, како алкохолот и цигарите, постојано е барање на невладините организации за права на жените. Ова барање, иако задоцнето, беше прифатено од Министерството за финансии и стана дел од даночните реформи, но никако да помине во Собранието.

„Ве информираме дека намалувањето на данокот на менструалните производи од 18% на 5% е дел од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за ДДВ, кој од декември 2022 година е испратен до Собранието на Република Македонија за усвојување. Законското решение, меѓу другото, кое е дел од концептот за даночна реформа, предвидува дека за продажба на производи за менструација ќе се применува повластена стапка од 5%, наместо досегашната од 18%. Предлог-законот е ставен на дневен ред за 95-та собраниска седница и треба да биде разгледан во Комисијата за финансирање и буџет, по што ќе биде вратен за усвојување на пленарна седница“, велат од Министерство за финансии.

Инаку, на 28 мај минатата година во Скопје голем број активисти протестираа на улиците барајќи од државата, меѓу другото, да се заложи за ублажување на менструалната сиромаштија како чекор поблиску до родова еднаквост.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button