ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мерко: На депонијата кај Струга може да се прави пикник!

Наместо да ја дислоцира, како што вети на почетокот на својот трет мандат како градоначалник, Рамиз Мерко, сега вели дека на дивата депонија на влезот на градот, може да се оди на пикник. Толку добро била одржувана и средена што не претставувала никаква еколошка опасност.

Вие видовте дека на депонијата слободно може пикник да се направи, бидејќи не видовте ниту едно пластично шише, ниту едно ќесе и одржувана е во целост, не како минатите четири години од минатата администрација, кога цело време гореше – изјави Рамиз Мерко-градоначалник на Струга.

Но, граѓанските активисти не мислат вака.

Снимајте инсерти и сами ќе си процените дали овде може да се направи пикник. Овде се натрупани илјадници и илјадници тони на секаков вид на отпад, од медицински, животински отпад – рече Глигорие Ќатоски-граѓански активист.

Но, Мерко тврди дека депонијата почнала да позеленува, исто како зелената агенда на неговата партија.

Да, сега веќе почнува и на околу почнува се да се зазеленува. Мора платформата од ДУИ да оди напред – нагласи Рамиз Мерко-градоначалник на Струга.

А, од другата страна на езерото, во Охрид граѓаните минативе денови дишеа отровен чадот кој доаѓаше од депонијата Буково, која се наоѓа помеѓу Ресен и Охрид, а каде се носи охридскиот отпад.

Општина Охрид нема капацитет и ресурси сама да се справи со проблемот за депонијата Буково. Изградбата на регионална депонија е проект кој е во надлежност на Министерството за животна средина – изјави Константин Ѓеорѓиески-градоначалник на Охрид.

Ѓеорѓиески вели дека и покрај тоа што успеале да ја изгаснат депонијата која гореше повеќе од десет дена, тоа не значи дека во иднина повторно нема да го има истиот проблем. Во двата наши туристички града со години централната и локалните власти не успеваат да го решат проблемот со отпадот. Изградбата на некогаш планираната регионална депонија во Дебарца не се реализираше откако граѓаните се побунија.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button