Мерко протна нов “сомнителен” договор за улично осветлување преку јавно приватно партнерство
Мерко протна нов “сомнителен” договор за улично осветлување преку јавно приватно партнерство

Рамис Мерко на заминување од градоначалничката функција, преку струшкиот совет, протна нов Договор за воспоставувањето на јавно приватно партнерство за улично осветлување во Струга за период од 13 години, обвинува локалната опозиција. Со мнозинство гласови само на советниците на ДУИ и СДСМ, беше изгласана физибилити студијата со што започнува постапката за доделување на јавното осветлување на приватен партнер. Вредноста на инвестицијата треба да биде околу 5 милиони евра, иако е предвидено да се изврши замена само на постоечките светилки, но не и на останатата инфраструктура, а општината би имала заработка од најмалку 20 %.
„Сумата која е предвидена е околу 5 милиони и 400.000 евра. Според оптимистичкото сценарио над 10 милиони евра е заработката“, рече Никола Кукунеш-Советник од ВМРО ДПМНЕ.
Но кој ќе се офајди од овој и тоа како добар бизнис, не се знае. Во следниот период треба да се распише тендер за избор на фирма, иако во септември лани, кога не помина првиот обид за отпочнување на постапката, неофицијално се споменуваше дека во игра е извесна фирма од Австрија. Опозициските советници, велат дека самиот процес уште од самиот старт буди сомнежи и е штетен за граѓаните на Струга.
„Прво фактот што се брзаше и без одлука на Совет се изработи таква студија, се презедоа чекори и се направи тоа, фактот дека не се добија претходните договори како тоа е направено, ако на тоа се додаде и фактот дека осветлувањето во градот е ужаснo, тогаш сомнежите се големи и се знае од каде се влечат конци за да се забрза целата постапка, за да се постигна таков договор. Околу фирмата немаме конкретни информации, но се знае штом се протежира ова од врвот на општината, јасно кој стои позади ова“, рече Нијази Џумкар-Советник од Алијанса за Албанците.
Од ДПМНЕ велат дека сомнежот е поради тоа што предвидени и проектирани биле дупло поголеми трошоци.
„Што значи дека од старт граѓаните на Струга се оштетени со повисоки сметки, кои се плаќаат на име на комунални давачки за јавно осветлување. Сомнежот е дека најголем дел од средствата кои се наплаќаат на ова име завршуваат кој знае каде. Предимензионирана е потрошувачката. Се инсистира на тоа во пресметките дека јавното осветлување работи 24 часа на ден, наместо 11.5 часа во просек. Тоа значи дека 11,5 часа од старт се пресметани повеќе за целите на овој проект“, рече Никола Кукунеш-Советник од ВМРО ДПМНЕ.
„Иако се уште нема епилог околу сомнежите за злоупотреба на милиони евра на стружани од страна на поранешниот концесионер СитиЛајт, Рамиз Мерко и Советот на Општина Струга го отворија патот за уште еден сомнителен договор за јавно осветлување. Од јавните осуди се разбира дека блиски луѓе на Рамиз Мерко се збогатиле со „аферата Сити Лајт“, па милиони се слеале дури и во неговиот приватен универзитет. Овие луѓе, овој клан, кои купиле недвижен имот на најатрактивните локации во Струга и пошироко, кои се возат со луксузни автомобили, кои си играат со судбината на стружани, го подготвуваат теренот за следната изнуда, овој пат за следните 13 години“, нагласи Албрим Хоџа-Член на ВЛЕН Струга.
Побаравме став и од советниците на мнозинството но не сакаа да коментираат ништо. Алсат праша во Општина Струга,зошто се брза со постапката за избор на нов концесионер, и која е компанијата која би стопанисувала, но одговор не добивме. Инаку со години Струга има проблем со уличното осветлување, а честопати цели улици, маала, населби и села се во мрак./Алсат.мк
Мики Трајковски