ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мијалков на излезна врата од Шутка?

Обвинителството на Вилма Русковска даде зелено светло, Сашо Мијалков да излезе од притвор. Поранешниот директор на тајната полиција, дал над 10 милиони евра гаранција за ќелијата во Шутка да ја замени со поблага мерка. Обвинителството смета дека висината на понудената гаранција е доволна гаранција дека тој нема да избега. Мијалков беше притворен токму поради опасност од бегство и поради неговата финансика моќ.

Мијалков е во затворска ќелија од 26 – ти февруари кога беше осуден на 12 години затвор во случајот „Таргет – Тврдина“ кој се однесува на децениското нелегално прислушување. Потоа доби нова пресуда од 8 години во случајот „Трезор“ за набавката на опрема за прислушување за тајната полиција додека тој беше директор на УБК. Обвинителството тогаш побара притвор и во овој случај и на 13 – ти април, Мијалков доби притвор за „Трезор“. Обвинителството за организиран криминал и корупција соопшти дека два пати дало негативно мислење за поранешниот директор на УБК да излезе од притвор. Третото е позитивно и отвара пат тој конечно да ја напушти Шутка. Според информациите, гаранцијата на Мијалков растела како добивал негативни мислења се додека не стигне сумата над 10 милиони евра.

Мијалков жалба за притворот поднесе и до Апелација, но откако вишото обвинителство не се согласи да даде позитивно мислење, адвокатите на Мијалков ја повлекле жалбата од пред апелационите судии. Предметот „Трезор“ во судница го застапуваше поранешниот специјален обвинител Артан Ајро, кој сега доби унапредување во обвинителството за организиран криминал. Од Кривичниот суд велат дека одлука по гаранцијата на Мијалков ќе донесат утре или задутре. Инаку Сашо Мијалков е во исчекување на пресуда за бруталното апсење на Љубе Бошковски а додека е во притвор, против него отворена е нова истрага за случајот „Плацеви на Водно“ каде е обвинет дека му помогнал на Никола Груевски да купи плацеви од 11 илјади метри квадратни на падините на Водно.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button