ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мијалков тврди дека не давал наредби за прислушување

Сашо Мијалков, екс директорот на УБК кој беше алфа и омега во владата на Никола Груевски, тврди дека во земјава нелегално не прислушувала тајната полиција. Тој, како обвинет во случајот „Таргет – Тврдина“ сведочеше дека никогаш не пристапил во системите за следење на комуникациите, иако можел. Не го користел службениот компјутер, ниту пак, дал наредби кои броеви да се слушаат, ниту пак, одобрил да се уништат два система за следење на комуникациите. Тоа било проценка на службите.

Мијалков во судница ја врати подзаборавената приказна со жолти комбиња, а која ја презентираше бегалецот Груевски правдајќи ја тогашната влада на ВМРО – ДПМНЕ дека прислушувањето не е направено во УБК, туку од странски служби. Според Мијалков, израелска компанија уште во 2014 – та година во тајната полиција презентирала дека во Македонија се прислушува надвор од УБК.

„Израелската презентација покажа дека нивната технологија откри дека во моментот работат три система кои прислушуваат. За жал, тоа не беа системи на УБК. Преку илустрација на овој настан сакам да потврдам дека моите сознанија се дека преку опрема која не е во МВР може да се следи мобилната телефонија“, рече Мијалков.

Обвинителството го праша Мијалков, кој прислушувал додека траела израелската презентација. Рече дека УБК не открила кој снима нелегално. Пред Мијалков, сведочеше и поранешната министерка за полиција, Гордана Јанкулоска. Не знаела дека во земјава нелегално се прислушува. Дознала од СЈО, кога почнало да го истражува случајот. Потпишала да се формира Комисија за да се уништат машините за снимање, без да знаела која е целта на нејзиното дејствување. Затоа посочи дека одговорноста ја сносат членовите на Комисијата. Никој не ургирал за да се состави вонредна група која ќе ја уништи опремата во ек на скандалот со прислушување во 2015 – та година.

„Како сосема рутинска работа решението кај мене било проследено на потпис без никакви забелешки, укажувања, уредно парафирано дека е целосно усогласено со она што го бара УБК и било потпишано“, рече Јанкуловска.

Освен Мијалков и Јанкулоска за нелегалното прислушување обвинети се и бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски кои се во Грција како и уште седум лица од службата. Според обвинението, од 2008 – ма до 2015 – та година незаконски биле следени над 4.200 телефонски броеви без судска наредба, а опфатени се над 20 илјади лица.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button