ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Милиони евра фрлени за проекти и казни, а нови патишта нема!

Милиони евра фрлени за проекти и казни, а нови патишта нема!

Изградбата на стратешките инфраструктурни проекти е проследена со доцнење, бавна реализација, повисоки трошоци од првично планираните како и други непланирани трошоци. Државниот завод за ревизија

анализираше 11 јавни инвестиции финансирани со заеми, за да се види дали се реализираат ефикасно и економично.

Земени се кредити, 58 милиони евра се потрошени само за камати, провизии и казни за неповлекување на пари, а патиштата не се изградени.

На врвот на листата на потфрлање е автопатот Кичево-Охрид. За овој автопат се позајмени вкупно 684,7 милиони долари. Досега се повлечени 382,6 милиони, а трошоците за договорот за задолжување се 38,6 милиони.

За програмата на Владата за магистрални патишта во која се опфатени повеќе патишта на државно ниво позајмени се 180 милиони евра. Од нив 90,7 милиони се повлечени, додека трошоците за задолжување се 7 милиони.

Најголем дел од проектите што ги анализирала Ревизија се на Јавното претпријатие за Државни патишта. Утврдено е дека оваа институција нема доволно средства за нивна реализација.

„Со анализирање на приходите на Јавното претпријатие за државни патишта, докажавме дека приходите се пониски од вкупната вредност на инвестициите на државно ниво, освен за 2020 и 2021 година, што предизвикува неизвесност во реализацијата на инвестициите во патната инфраструктура“, велат од Државен завод за ревизија.

Институцијата има проблем и со документацијата на проектите.

„Повеќето проекти што ги реализира Јавното претпријатие за државни патишта се започнати во периодот 2014-2016 година. Имаат бавна динамика на реализација што е последица на технички недостатоци во проектната документација, раскинување на договори со изведувачите од различни причини, започнување на меѓународна арбитражна постапка, административни пречки при експропријација на земјиштето, како и сложени законски процедури за надомест за експропријација“, нагласуваат од Државен завод за ревизија.

Закочени се и проектите на Јавното претпријатие Железници кои беа започнати во 2012-2014 година. Во 2018-2019 година овие проекти се реализираа само во висина од 1% на месечно ниво. Во периодот на ревизијата биле вршени евалуации за избор на нови изведувачи за Коридорите 8 и 10.

Поради сите горенаведени пречки, постои неизвесност околу завршувањето и на изградбата на Регионалниот клинички центар во Штип.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button