ВЕСТИРЕГИОН

Милков: Ветото не е решение, повлекувањето на амбасадорот е симболика

Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков потврди дека нивниот амбасадор во земјава Ангел Ангелов, ќе остане во Софија на консултации. Милков, во интервју за БНТ, вели дека амбасадорот помага во утврдувањето на фактичката состојба со случувањата во Македонија.

„Ова е чиста дипломатска симболика и повикувањето на амбасадор за консултации значи дека нешто сериозно е нарушено во билатералните односи и тие не можат да бидат какви што беа до пред неколку месеци, затоа што има ескалација на случувања што не се пријателски кон Бугарија“, рече Милков.

Шефот на бугарската дипломатија кажа дека ескалираат нападите над бугарската заедница во Македонија. Сепак, додава дека можното вето, за евроинтегративниот пат на Македонија кое се споменува во јавноста, не е решение.

„Јас не сум приврзаник за вето, тоа е точниот збор. Секогаш сум сметал дека ветото е како атомското оружје, тоа не треба да се користи, туку да поттикне страните да седнат на маса и да си ги решат проблемите“, додава Милков.

Милков во интервјуто исто така порача македонските институции да обезбедат ред на 4-февруари за да може да отиде секој што сака да се поклони пред гробот на Гоце Делчев во Скопје. Зборувајќи за најавата за присуство на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и можната забрана за влез во земјава, Милков одговори:

„Во однос на контранападот против Ангел Џамбаски и други наши политичари, мислам дека сега тоа е дел од еден нов македонски наратив, кој се обидува да го намали значењето на нападот над Бугарин“, вели Милков.

Милков рече дека постои системска дискриминација во Бугарите во земјава, а за случајот со Христијан Пендиков ги известил и сите земји-членки на Унијата.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button