ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Министер од ДУИ разбрал на ТВ до каде е фабриката за електрични возила во Тетово

Министер од ДУИ разбрал на ТВ до каде е фабриката за електрични возила во Тетово

Влегуваме во шестиот месец откако беше поставен камен-темелникот на фабриката за електрични возила „Е-Гоу во технолошко-индустриската развојна зона во Тетово. Засега не се знае кога ќе почнат работите, иако при свеченото отворање беше кажано дека за 8 недели ќе почне изградбата на објектот каде се планира да се произведуваат електрични автомобили. На прашањето колку трае процедурата за фабриката, министерот за финансии Фатмир Бесими ни рече дека информацијата неодамна ја добил од медиумите.

„Истакнавте само една инвестиција, но во технолошко-индустриските развојни зони во нашата земја има повеќе инвестиции кои во меѓувреме, исто како и инвестицијата што ја истакнавте, имаат слични иницијативи и напредок. Во медиумите прочитав дека Министерството за економија објавило во која фаза е во однос на дефинирањето и условите за градба“, рече Фатмир Бесими, министер за финансии.

Во зоната во Тетово требаше да се спојат 4 парцели за да се обезбеди простор за најавената фабрика кој беше прогласена за огромна инвестиција од 130 милиони евра. Но, за да почнат работите, компанијата очекува 1/3 од парите да ги даде државата за што имаат и договор.

„Во овој проект државата е партнер и треба да обезбеди 33% од вредноста на инвестицијата или околу 45 милиони евра. Но, гарантираме дека имаме заштитен механизам за да не пропаднат парите на даночните обврзници кои се планирани за инвестирање во германската фабрика за електрични автомобили. Ангажиравме надворешни ревизори за следење на динамиката на изградбата на компанијата која се очекува да започне наскоро“, велат од Дирекција на ТИРЗ.

Од Министерството за економија не соопштуваат детали за напредокот на овој проект. Велат дека процедурите биле завршени и одобрението за градба издадено. Нивните очекувања беа дека за година и пол фабриката ќе биде пуштена во употреба. Доколку е тоа така, во тој случај во јануари идната година од производствената лента во Тетово веќе треба да почнат да излегуваат првите возила. Свеченоста за стартот на изградбата се случи на годишнината од Охридскиот договор, на 13 август лани кога за камен-темелникот се собра целата Влада и раководството на ДУИ./Алсат.мк

Аднан Ќаили

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button