ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Министерството за правда не ги коментира унапредувањата на јавни обвинители

Новиот министер за правда Никола Тупанчевски не го коментира унапредувањето на јавните обвинители.

„Ниту министерот, ниту пак Министерството за правда имаат ингеренции да се мешаат во работата и одлуките на Советот на јавни обвинители. За избор и разрешување на јавните обвинители одлучува Советот како надлежен орган”, велаат од  Министерство за правда.

Екс-обвинителот од СЈО, Обвинителот Гаврил Бубевски, сега е избран за шеф на скопското обвинителство. Тој моментално застапува три предмети во Кривичниот суд кои ги водеше згаснатото СЈО. Тоа се судењата поврзани со изборните нерегуларности „Титаник“ и „Титаник 2“ со приговорите во ДИК, кои се судат од повторно, како и случајот „Моќник“ каде му се суди на пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Дали Бубевски ќе продолжи да ги застапува овие предмети, ќе одлучи републичкиот обвинител, Љубомир Јовески. Бубевски беше еден од обвинителите и во предметот „Труст“ во кој беше осуден бизнисменот Сеад Кочан и требаше да се вратат испумпаните 17 милиони евра од буџетот за нелегалната зделка во РЕК Битола, но државата никогаш не си ги врати парите.

Бесир Алиу е старо – нов шеф на Обвинителството во Тетово. Тој во телефонски разговор за Алсат се пожали дека работи со малку обвинители.

„Во ОЈО Тетово работиме вкупно тројца јавни обвинители. Сите се трудиме максимално за да немаме застој на предметите. Годишно во просек имаме меѓу 1.300 и 1.500 предмети. Имаме недостиг и на друг кадар неопходен за извршување на дневните работи“, вели Бесир Алиу, шеф на ОЈО Тетово

Алиу досега беше вршител на должноста, а сега доби и мандат од четири години.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button