ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Останува нејасно кој требало и дали направил надзор врз градбата на модуларната болница во Тетово

Нејаснотии околу тоа кој требало и дали направил надзор врз градбата на модуларната болница во Тетово. Општината Тетово одговорноста ја префрли врз Министерството за здравство, а оттаму пак тврдат дека надзор не е предвиден бидејќи станува збор за монтажен објект. Во документот на Светска банка и на Министерството за труд и социјала во делот на надзорот над градбата е наведено дека дополнително ќе биде вметнат кој инженер ќе го направи, но тоа не се случило. Општината Тетово вчера наведе и дека во делот на системите за безбедност за гасење на пожар во модуларните болници надлежно е Министерството за здравство. Но, во документот како надлежен за пожарна заштита е наведен директорот на болницата, во овој случај Флорин Бесими и друго одговорно лице во болницата.

Околу документацијата, во обвинителството веќе се сослушани службениците кои работеле на проектот за модуларните болници и ја спровеле јавната набавка. Побарано е Технолошкиот факултет да спроведе градежно вештачење на изгорената болница.

„Дејствијата кои дополнително би се презеле би биле резултат на утврдени потреби и произлезени индиции. Во обвинителството во тек е и прибирањето на извештаите и документацијата која беше побарана по што ќе следи разгледување и анализа и ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката“, наведоа од Обвинителството.

Во меѓувреме, премиерот Заев не отстапува од својот став за оставките. Одлука ќе донел откако ќе заврши истрагата. Според него, нема сомневања дека биле злоупотребени пари од Светската Банка за евентуално понеквалитетно градење на модуларните болници.

„И самата имплементација е така реализирана, но за деталите, јас би имал свој став како претседател на Влада под чие надлежност е Министерството за здравство, министерството за труд и социјална политика…“, рече премиерот Заев.

Според ВМРО – ДПМНЕ, за пропустите во модуларната болница во Тетово виновни се СДСМ и ДУИ. Опозицијата бара одговори.

„Зошто Заев, Филипче и Хасани дозволија изградба на болница која нема основни стандарди? Дали и зошто не ги послушале советите на експертите да не ги вградуваат високо запаливите ПУР панели во модуларните болници? Колкава е разликата во цената помеѓу ПУР панелите и панелите кои имаат поголема отпорност и дали за пари некој дозволил да се изгради болница која изгоре за само три минути?“, рече Александар Велјановски, ВМРО – ДПМНЕ.

Од понудените оставки на министерот за здравство, Венко Филипче, неговиот заменик Илир Хасани, како и двајцата директори во Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми, засега нема ништо. Болницата изгоре ноќта на 8 септември и во неа загинаа 14 лица.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button