Министрите од денеска на колективен одмор
Молк во Владата за оставките на 5 министри од ДУИ. Премиерот Димитар Ковачевски, кој вчера ги доби оставките од министрите од ДУИ, денеска не одговори за дејствијата што ќе ги преземе отсега. Владата од денеска оди на одмор, а условните оставки на министрите од ДУИ ќе останат едноставно морален чин на хартија.
Министрите на ДУИ понудија условни оставки со образложение дека со оваа акција се исполнува основниот услов на македонската опозиција да ги поддржи уставните измени. Во известувањето испратено до премиерот, функционерите на ДУИ најавуваат дека оставките ќе стапат на сила дури кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгласа уставните измени кои во моментов се во собраниска процедура.
СДСМ како коалиционен партнер на ДУИ ја поздрави акцијата на интегративците и му порача на ВМРО-ДПМНЕ дека со оваа акција се исполнети сите нивни услови за поддршка на уставните измени. Од партијата на Христијан Мицкоски побараа и оставка од министрите на СДСМ на чело со премиерот Димитар Ковачевски и итно распишување предвремени парламентарни избори. Според опозицијата, доколку власта била искрена со оставки,тие би биле неотповикливи, а не условни.
Лидерот на опозицијата Мицкоски пред една недела изјави дека се повлекува од секој услов за уставни измени и дека отсега единствена тема за која е подготвен да зборува се предвремените парламентарни избори. Коментирајќи ја собраниската процедура за уставните измени, Мицкоски рече дека власта со овие постапки се обидува да го одложи процесот до септември и со тоа да го спречи барањето на опозицијата за парламентарни избори наесен.
Адриан Керими