ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски бара лидерска средба за тешкиот живот на граѓаните

На средбата иницирана од премиерот ќе учествува и лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски. Шефот на ВМРО првпат ќе оди на средба без да побара предвремени парламентарни избори. Мицкоски предлага на средбата да се разговара за енергетската криза и за проблемите на граѓаните, а не за уставните измени. Мицкоски му одговори на првиот вицепремиер Артан Груби кој пред неколку дена изјави дека мнозинството ги има потребните бројки за отворање на уставот.

Од ДУИ велат дека ваква средба е неопходна, особено кога се зборува за уставни измени како дел од европската агенда.

„Поканата за средба на политичките партии, без разлика на етничката припадност и идеолошката определба, ја гледаме како неопходна. Затоа, соодветно е да се одржи ваква средба, уште повеќе кога сметаме дека за уставни измени се потребни 2/3 од гласовите во Собранието, што нужно ја наметнува соработката, координацијата и кохабитацијата на парламентарните партии“, рече Арбер Адеми, потпретседател на ДУИ.

Од Движењето Беса велат дека по прифаќањето на повикот на премиерот, партиските органи ќе одлучат дали ќе учествуваат или не.

„Известени сме преку медиумите. Сè уште нема покана до нашите канцеларии за да ја разгледаме. Во моментот кога ќе ја добиеме поканата, партиските органи ќе ја испитаат и ќе одлучат“, рече Фадил Зендели, пратеник на Движењето Беса.

Алијанса за Албанците сѐ уште не одлучила за состанокот во понеделник. Во четврток на оваа тема заседава и Комисијата за организирање на партискиот конгрес и како тело кое ги има ингеренциите на партиското раководство ќе одлучи дали позитивно ќе одговори на поканата на премиерот или не. Од Алтернатива како дел од Владата велат дека откако ќе ја добијат поканата и ќе го видат дневниот ред, ќе одговараат за својата постапка.

Од Владата велат дека средбата што се очекува да се одржи в понеделник во Собранието има за цел да се разговара за европската иднина на државата, но и за одлуките кои во наредниот период мора да се донесат во Собранието со широк политички и општествен консензус.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button