Мицкоски ги повтори сомневањата за саботажа во Рек Битола

Сомнежите за саботажа во РЕК Битола за кои вчера извести ЕСМ, откако поради пожар Блокот 2, единствениот што во моментот произведува струја, беше исклучен од употреба, ги повтори и премиерот Христијан Мицкоски. Не откривајќи повеќе детали за јавноста, Мицкоски рече дека случајот се истражува, но уверува дека прекин со електрична енергија нема да има.
„Постои основано сомнение за ова вие што го кажавте дека можна е во раните утрински часови пред два дена да се случила таква саботажа, МВР го истражува случајот, но тоа е на МВР делот. Она кое што е на вработените во АД ЕСМ поранешно ЕЛЕМ е час поскоро да го оспособат и да биде во функција, но она коешто е важно е дека навремено снабдување со електрична енергија ќе добијат сите корисници“, рече Мицкоски.
Од полицијата пак потврдуваат дека истрага има, но не откриваат што точно истата покажала досега и што точно се случува во РЕК Битола.
Случајот се наоѓа во фаза на истрага, извршен е увид и се работи на расчистување на случајот, велат од МВР.
Откако блокот 2 пред два дена беше исклучен, од ЕСМ предупредија на потенцијална саботажа, бидејќи во близина биле пронајдени опожарени дрвени елементи, што според нив отвора сомненија дека некој влегол и намерно го запалил огнот за да се предизвика исклучување на блокот. Сепак, иако РЕК Битола извесен период работи со еден блок, ова не е прв пат да биде исклучен, истото се случи лани во октомври, меѓутоа и во текот на минатото лето. Во меѓувреме, додека полицијата истражува евентуална саботажа, вработените во АД ЕСМ преземаат мерки за враќање на блокот во целосна употреба, додека производството на струја во РЕК Битола од вчера се одвива со намален капацитет.
Михаило Донев