Многу функционери од земјава најавија присуство на инаугурацијата на Трамп

Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека ќе присуствува на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на 20 јануари во Вашингтон. Мицкоски на 18 јануари ќе отпатува за САД, каде планира да има средби, но не ја откри целосната агенда.
На инаугурацијата ќе присуствува и претседателот на Собранието, Африм Гаши. Претседателот на Собранието ја смета поканата како доказ за посветеноста на континуираната соработка со САД во сите области.
Во Вашингтон ќе престојува и Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците и министер за здравство. Овој настан, според Таравари, одразува важен чекор кон зајакнување на односите со САД. Според најавите, тој ќе има средби и со американски претставници и други земји.
Свое учество најави и лидерот на Алтернатива Зеќирија Ибрахими. Билал Касами од Движењето БЕСА потврди дека добил покана, но поради обврски нема да може да биде присутен во Вашингтон.
Во меѓувреме, од Претседателството не реагираат дали Гордана Силјановска Давкова ќе отпатува во САД.
Локалните и федералните власти очекуваат околу 200.000 луѓе да се појават во Вашингтон, меѓу кои може да има и поддржувачи и демонстранти на Трамп, кои ќе присуствуваат на инаугурацијата.
Обично има огромни барања лично да се види инаугурацијата. Членовите на Конгресот добиваат одреден број билети за церемонијата, кои можат да им ги поделат на своите гласачи. На инаугурацијата на Трамп најавено е присуство на поранешни претседатели и високи американски функционери, како и многу премиери и претседатели на други земји, како и шефови на најголемите светски организации.
Суад Бајрами