ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

МНР не дава информации за бројот на граѓани кои се во Казахастан

Министерството за надворешни работи на Северна Македонија не дава информации за бројот на граѓани кои во моментов се во Казахстан. Иако побаравме став од МНР за бројот на наши државјани кои за време на немирите се во Казахстан за работа или дипломатска мисија, не добивме никаков одговор. Последниот став на МНР беше повикот до граѓаните кои моментално се таму да не ги напуштаат адресите на кои се сместени и да ги откажуваат патувањата. Во нивното соопштение се вели дека граѓаните се безбедни и дека досега никој од нив не пријавил дека се чувствува загрозен или повреден од насилните протести.

“Апелираме до сите наши граѓани кои моментално се во Казахстан да останат на безбедни места, да не ги напуштаат хотелите и објектите каде што се сместени и да избегнуваат собири на јавни места. За сите наши граѓани кои планираат патување во Казахстан, ве повикуваме да го одложите доколку е можно“.

Се обидовме да стапиме во контакт и со Амбасадата на Северна Македонија во Нур-Султан, но линиите кои се објавени  не беа функционални. Недостапен беше и амбасадорот Сали Лимани, од кого побаравме да дознаеме дали е во контакт со граѓаните, колку од нив побарале помош и дали има или не план за нивна евакуација ако ситуацијата  се влоши.  Бројот на државјани на Северна Македонија во Казахстан не е официјално познат, но неофицијално, освен дипломатскиот тим, има и граѓани кои работат во Нур Султан и други градови на Казахстан.

Adrian Kerimi

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button