ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мојановски: „Државата да реши дали привремено да ги затвори модуларните болници“

Додека обвинителството истражува повеќе аспекти околу причините за пожарот во Тетово, безбедносни експерти посочуваат дека државата можеби треба да реши привремено да ги затвори модуларните болници. Со денови јавноста нема информации ниту дали врз овие КОВИД одделенија бил извршен надзор. Професорот од Факултетот за безбедност во Скопје, Цане Мојановски смета дека Владата треба да ги увери граѓаните дека објектите се безбедни и покрај сите веројатни пропусти.

„И тука државните органи треба да се бескомпромисни кон одредбата – Ако треба да се затворат – да се затворат! Подобро нешто да немате, да не предизвикува опасност, отколку да имате нешто со што ќе ја намалувате сигурноста на граѓаните или недовербата во институциите. Ние на овој начин уште повеќе ја зголемивме недовербата во институциите“, рече Цане Мојановски, Факултет за безбедност – Скопје.

Припомош за утврдување на точната причина за пожарот, очекуваме и од Германија. Но, од Владата ниту денеска не кажаа прецизно кога форензичарите конечно ќе дојдат.

„Германскиот тим од Федералната криминалистичка служба којшто треба да пристигне по завршената претходница деновиве, првично е составен од четворица. Двајца крим – техничари форензичари за истражување на пожари и двајца крим – техничари за ласерско мерење на простории и за фотографирање“, рече Душко Арсовски, Портпарол на Влада.

Обвинителството вчера информираше дека за градењето на модуларната болница во Тетово ќе одземаат документи од тамошната клиника, но и од фирмата „Брако“ која го монтираше објектот. Ќе се проверува дали имало надзор, технички прием, како бил изведен доводот на кислород, а фирмата „Градежен институт – Македонија“ треба да ги вештачи материјалите кои биле вградени. Паралелно со истрагата за причините поради кои изби пожарот, Обвинителството за организиран криминал и корупција ја истражува и јавната набавка за монтажа на модуларните болници низ цела Македонија, вреден 4 милиони евра.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button