СВЕТ

Можни нови напади на ИСИС во Кабул додека продолжува тензичната евакуација

По бомбашките напади е јасно дека најголема безбедносна закана во Авганистан сега веќе е Исламската држава, коментираат денеска светски медиуми. Авганистанците се вознемирени од вчерашните две експлозии на аеродромот, во кои загинаа околу 90 луѓе, меѓу кои и 13 американски војници. Сепак и покрај тензиите, летовите продолжуваат, а американскиот претседател Бајден најави одмазда за вчерашното крвопролевање.

„Оние кои ги извршија нападите, а и секој кој сака да ѝ наштети на Америка треба да знае. Нема да ви простиме, нема да заборавиме! Ќе ве ловиме и ќе ве натераме да платите!“, изјави Џо Бајден, Претседател на САД .

Осуди за нападите стигнаа од речиси целиот свет. Во меѓувреме, ситуацијата на теренот останува напната како што се приближува 31 август, денот кога американската војска треба сосема да замине од Авганистан. Безбедносни експерти дотогаш очекуваат и нови напади.

„Ситуацијата е многу тешка. Летовите веројатно ќе продолжат, како што кажа и претседателот, но тоа ќе се случува во многу опасна атмосфера. Имајќи го во предвид успехот на бомбашите на ИСИС, може од сега, па во следниот период да се очекуваат нови обиди…“, рече Ричард Фонтејн, Центар за нова американска безбедност.

Случувањата во Кабул имаат и друг импакт, односно огромно влијание на внатрешно-политичката сцена во Америка. Поранешниот претседател Доналд Трамп води жестока кампања против Бајден, а се слушаат и барања за импичмент. Во телевизиска емисија Трамп ноќеска изјави дека доколку тој бил претседател немало да се случи вчерашниот напад, ниту пак Талибанците ќе влегле во Кабул.

„Држевме сè под контрола пред Бајден да дојде и тие во него да видат слабак. Бајден ништо не презема. Потоа тие ја преземаа земјата и го уништија угледот на Америка, нашата сјајна земја на неверојатни борци. Тие и понатаму се сјајни борци, но потребно им е лидерство кое сега го немаат“, изјави Доналд Трамп, Поранешен претседател на САД.

Инаку, на теренот во Авганистан, Талибанците и Исламската држава се ривали. Откако Талибанците влегоа во Кабул, разни џихадистички групи им честитаа, но не и Исламската држава. Според нивното гледање, Талибанците умерено го толкуваат шеријатот, па поради тоа ги сметаат за отпадници, а ривалството уште повеќе им кулминираше откако Талибанците лани потпишаа мировен договор со Вашингтон.

Иван Блажевски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button