МАКЕДОНИЈАРЕГИОН

МПЦ одржа заедничка литургија со Вселенската патријаршија

Во Истанбул денеска за првпат после повеќе од 250 години заедничка литургија одржаа претставници на црквата во Македонија, односно Охридската архиепископија и на Вселенската патријаршија.

Овој чин следува откако минатиот месец оваа црква, која се смета за главна во православието, ја призна и прифати како законска и валидна црквата во Македонија.

Сепак, документ за независност, односно автокефалност, денеска на МПЦ не ѝ беше издаден.

За првпат по одлуката на православната Вселенска патријаршија да се прифати единство со Охридската архиепископија, односно МПЦ, во централниот храм во Истанбул денеска се одржа заедничка литургија. Се водеше на грчки и на македонски јазик.

Свештените лица и верниците го оценија настанот како историски чин кој меѓу двете цркви се случува за првпат после 255 години, иако сепак изостана долгоочекуваниот документ-томос за самостојност, односно автокефалност на МПЦ.

„Веруваме дека овој настан значи потполно разбирање од ваша страна за големината на дарот на Мајката Црква кон вашиот народ, но и за одговорноста која ја понесувате, влегувајќи од денес во Сеправославниот Свет“, рече г-дин г-дин Вартоломеј – вселенски патријарх.

„Голема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нè, помагајте ни да растеме“, рече г-дин г-дин Стефан – поглавар на МПЦ-ОА

„Ова е важниот момент, да се радуваме и уживаме на овој момент, а не да очекуваме нешто коешто ќе дојде со времето и за коешто треба да бидеме трпеливи“, порачаа отец Бобан
На заедничката литургија присуствуваа и голем број верници од Македонија.

„Господ го создаде овој ден да се радуваме и веселиме во него, особено кога гледаме како нашата Охридска архиепископија одново блеска“, рече еден верник.

„Јас сум од Охрид и среќна сум што еве денеска можам да го сведочам на нашите идни генерации овој историски момент“, рече еден верник.

Владината делегација ја предводеше премиерот Димитар Ковачевски. Со него беа и шефот на дипломатијата Бујар Османи и министрите за одбрана и внатрешни работи, Славјанка Петровска и Оливер Спасовски.

„Јас искрено верувам дека примањето за сослужување и канонско единство со нашата Црква, ќе биде крунисано и со издавање томос од страна на Вселенската патријаршија“, истакна Димитар Ковачевски – претседател на Владата.

Од друга страна, Вартоломеј посака зачленување на Македонија во Европската унија и најави дека ја разгледа поканата за посета на земјава. Инаку, минатиот месец Српската црква и даде томос за автокефалност на МПЦ со што се надмина расколот кој меѓу црковните власти во Скопје и Белград траеше од 1967 година кога МПЦ се одвои од Српската црква.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button