ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Муфтиството и натаму собира пари од трговците

Општинскиот пазарен инспекторат во Тетово продолжува со контролите на таканаречениот „женски пазар“ за да се спречи муфтиството незаконски да зема пари од трговците. Но, Муфтиството не само што ги игнорира општинските власти, туку и ги спречува инспекторите да си ја вршат работата на терен. Во полицијата бил пријавен случај кога инспектор бил спречен во работата од вработените во муфтиството.

„… при нашиот увид наидовме и на проблеми. Несовесни лица за кои се знае дека се вработени во тетовското Муфтиство го попречуваат инспекторатот да излезе и да ја спроведе акцијата. Пред неколку недели кога проверивме овде, наидовме на проблеми, во еден случај дури пријавивме и во полиција, бидејќи инспектор беше спречен од некои луѓе кои незаконски изнудуваа пари од граѓани“, рече Арменд Салихи, раководител на општинскиот инспекторат, Тетово.

Од друга страна пак реагираше и Јавното општинско претпријатие- Тетово. Велат дека имало договор за транспорт на отпад кој се создава во четврток, но според директорот на ЈПК „Тетово“, овој договор има врска со транспорт на отпад, а не со нечие овластување да организира пазар или собира пари. Договорот се очекува да биде раскинат денеска.

„ЈПК Тетово имаше договор во 2004 година со времетраење од една година, но не значи дека ако има договор за собирање отпад, тие да собираат пари од граѓаните. Секој клиент или дејност склучува такви договори за наплата на средства и компанијата ја врши таа услуга. Што се однесува до муфтиството, имаме многу други муштерии за кои ја даваме оваа услуга. ИВЗ-Тетово речиси две години ја нема ни платено оваа услуга и има долг од 350.000 денари. Договорот е во процес на раскинување иако рокот е истечен од 2005 година“, рече Самет Бислими, директор на ЈПК „Тетово“.

И од општина Тетово соопштија дека случајот го пријавиле до надлежните органи, за да се преземат законски мерки против оние кои неовластено и без право земаат пари од трговците кои продаваат во четврток.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button