ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

На Илинден испратени пораки за обединување

На Илинден испратени пораки за обединување

Со пораки за единство и обединување државниот врв го одбележа празникот Илинден – Денот на републиката. Претседателот Стево Пендаровски, доделувајќи ордени за воени заслуги и медали за храброст на дејци и борци од НОБ, истакна дека македонскиот народ никогаш не подлегнал на обидите за асимилација, денационализација и историски ревизионизам. Тој кажа дека и сега државата се соочува со обиди за негирање на националната самобитност, но дека нема да се откаже од стратешката цел.

„Во рамките на нашите заложби за целосна интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, имаме цврста намера да ги исполниме сите услови од европските преговарачки поглавја, но, немаме намера со кого било, наместо за европски вредности да разговараме за возобновување на империјалистички концепти и идеи од минатите векови. Концептот на обединета Европа ни ја дава најдобрата шанса да го заокружиме развојот на Северна Македонија како современа европска република. Овие напори се жртвата на нашата генерација за нашите млади и за нивната иднина. Но, за сето ова да не биде залудно, огромна незавршена работа нè чека дома“, изјави Стево Пендаровски – претседател.

На чествувањето на Мечкин камен пак, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека сега е време за заедништво и за верба во подобро утре. Според него претстои посветена работа за изградба на успешна и силна европска држава. Ковачевски нагласи дека наша заедничка должност е да се обединиме, независно од политичките определби, поставувајќи ги на прво место државните приоритети.

„Тие приоритети и во времето на Илинден и во времето на АСНОМ и денес се напредок на државата. Нема поголем државен приоритет од патот напред, којшто носи перспективи за иднината на младите и економски напредок за граѓаните. Тоа е можно со интеграцијата во европското семејство и повикувам на обединување на генерациите на денешнината за остварување на оваа стратешка државна цел“, рече Димитар Ковачевски – премиер.

Од меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека општеството созреало носејќи тешки и државнички одлуки кои го деблокирале нејзиниот евроатлантски пат, но тие одлуки, како што додава спикерот, не оделе во прилог кон обединувањето и предизвикале поделби на предавници и патриоти, европејци и русофили. Џафери истакна дека сега е потребно единство, бидејќи играта тукушто започнала и таа немала да биде лесна. „Сега започнува вистинската битка за реформирање на институциите, за консолидирање на редовите, за спроведување во пракса на усогласените закони со европското законодавство и за тоа ни треба единство, искрен и несебичен придонес на секој еден поединец во државата“, рече Џафери.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button