ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

На извршителите не им се исплатела работата, па сега бараат аванс!

На извршителите не им се исплатела работата, па сега бараат аванс!

Извршителите бараат нови измени во Законот за извршување. Се жалат дека актуелните правила за нивната дејност се неисплатливи. Планот на Комората на извршители е пред да почне постапката на извршување, извршителот да добие одреден аванс од оној кој бара услуга од него, за во случај да не може да ги наплати парите од должиникот, извршителот да не остане со празни џебови. Ова барање според извршителите доаѓа по намалените тарифи кои сега ги добиваат со последните измени на законското решение.

„Бараме измени на Законот за извршување со воведување на надомест за отпочнување на процес на извршување. Поднесуваш барање за извршување со извршна исправа и треба да платиш одреден износ за да може да почне да работи извршителот“, велат од Комора на извршители.

Извршителите велат дека на овој начин функционира и судот. Но, од Здружението „Стоп за извршителите“ велат дека е време оваа дејност да се врати под надлежност на судот.

„Судиите работат за плата… Да, и тие мора така авансно да наплаќаат. Еве, апел до нив, до извршителите. Нека се вратат во суд, нека работат како судски извршители. Тогаш исто ќе добиваат авансно и ќе имаат загарантирана плата“, рече Марјан Ристоски здружение Стоп за извршителите.

Според информациите, во моментов има нешто повеќе од 200 илјади блокирани банкарски сметки на граѓани од страна на извршители. Активистите алармираат дека и натаму се бараат пари од граѓани за долгови стари и над 20 години. Oфицијалните податоци покажуваат дека во текот на 2021 година извршителите извршиле над 63.000 присилни наплати. Сумата која ја наплатиле во постапките изнесува 130 милиони евра.

Иле Петрески

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button